Компанијата SpaceX тврди дека има намера да им понуди интернет на корисниците преку констелација на сателити, односно мрежата Starlink, кон средината на 2020. година.

SpaceX мора да изврши уште шест до осум лансирања, а секое подразбира испраќање 60 сателити во вселената. Ова е потребно за Starlink да функционира, а корисниците да добијат „интернет од вселената“.

SpaceX го гледа Starlink како констелација на неколку илјади сателити дизајнирани да орбитираат ниско над Земјата и да обезбедат интернет конекција на површината. Досега компанијата доби лиценци од Федералната комисија за комуникации да лансира речиси 12.000 сателити во орбитата. Минатата година предаде барање до меѓународниот регулатор наречен Меѓународна унија за телекомуникации (ИТУ) во обид да добие радиофреквенции за комуникација со дополнителни 30.000 сателити, кои ја сочинуваат мрежата Starlink. Ова значи дека компанијата сака да добие можност да лансира 42.000 сателити во орбитата.

Досега, SpaceX лансираше само 60 Starlink сателити, и тоа со едно лансирање извршено во мај оваа година. Три сателити закажаа, додека останатите се функционални. Извршниот директор на SpaceX, Елон Маск во понеделникот објави твит на Twitter, користејќи го Starlink системот.

Меѓутоа, Starlink бара уште многу работа за да можат да го користат луѓето на Земјата. SpaceX мора да развие кориснички терминал, мал уред што корисниците ќе го користат за да примаат сигнали од сателитите.