Huawei подготвува таблет со punch-hole дисплеј, според сознанијата на 91mobiles, чија информација доаѓа од доверлив извор. Ова ќе биде првпат да се користи punch-hole дизајн на некој таблет уред. Се разбира, ова е отвор во екранот во кој е сместена селфи-камерата (како кај смартфон).
Изворот, исто така, сугерира дека таблетот интерно е наречен „Marx“, но тоа сигурно нема да биде продажното име на таблетот. Huawei Marx ќе ја поддржува паметната, магнетна тастатура на компанијата и M-Pen стајлусот. Ова значи дека Marx е најверојатно наследник на моделот MediaPad M6 и би можел да го носи името MediaPad M7.
Рендерите на Huawei MediaPad M7 покажуваат дека компанијата е во можност да ја направи потенка рамката околу екранот, а сензорот за отпечатоци е отстранет. Ова би можело да значи дека таблетот има читач на отпечатоци под екранот. На задната страна е видлив камера модул со два сензора и LED блиц. Таблетот има и USB-C порт, додека судбината на 3,5 милиметарскиот приклучок е непозната. Marx на рендерите може да се види во црна и бела боја.
Информациите за спецификациите се штури, но се очекува дека Huawei MediaPad M7 ќе има Kirin 990 чипсет, до 8 GB RAM меморија, до 256 GB простор за складирање и голема батерија.