Елизабет Пирс, извршната директорка на компанијата Quintillion, беше обвинета во 2018 година за измама, откако злоупотребила позиција во рамки на проект, кој имал за цел инсталирање на транс-арктички кабел за подобра интернет конекција. Имено, Пирс лажирала договори за да собере повеќе од 250 милиони американски долари од инвеститорите, а веста неодамна повторно стана актуелна, откако медиумите дознаа детали за тоа како речиси успеала да ја изведе измамата на деценијата.
Неспорно е дека директорката имала големи амбиции кога станува збор за поставување на транс-арктичкиот кабел, што беше поддржан бидејќи Алјаска, а подоцна веројатно и дел од Јапонија, Гренланд, Исланд, па дури и Лондон би добиле подобра интернет врска. На почетокот се работеше за благородна цел, најмногу затоа што интернетот во најголем дел од рурална Алјаска е бавен и зависи од скапите сателити. Подводниот кабел така би овозможил поголеми брзини, но и пониски цени за корисниците, со што значително би ги олеснил онлајн животите на илјадници жители.
За да ги убеди инвеститорите дека проектот е на вистински пат, Пирс лажирала потписи на договори, кои доколку биле оригинални, би значеле дека проектот е вреден над една милијарда долари. Потоа, веродостојноста ја го потврдувала со уверувања дека е единствената одговорна во Quintillion и дека само таа може да ги овластува договорите, што им било доволно на соработниците и инвеститорите да и поверуваат, бидејќи верувале во благородноста на целта, и покрај огромните суми пари. Пирс ги чувала потпишаните договори на приватна сметка на Google Drive, а кога сфатила дека измамата нема да и успее, се обидела да ги избрише, но безуспешно, бидејќи останале во фолдерот Trash.
И покрај злосторствата на извршната директорка, Quintillion успеа да постави еден дел од кабелот, што донесе подобар интернет за еден дел од популацијата на Алјаска. За продолжување на изградбата се заинтересирани и други компании, така што проектот на крајот може да се покаже дури и успешен.