Идејата и концептот за користење на голем лифт за патување во вселената постојат веќе подолго време, а прв пат беа предложени уште во 1959 година, од рускиот инженер Јури Артсутанов.
Идејата за вселенски лифт не е баш комплицирана: многу долг кабел би се спуштил на Земјата од сателит во геосинхрона орбита и би се поврзал со лебдечка станица на подрачјето на екваторот. Центрифугалната сила на Земјината ротација би се погрижила кабелот да стои исправено и ќе му овозможи на лифтот да патува до вселенска станица директно од лебдечката платформа.
НАСА во соработка со вселенските агенции во Јапонија и Кина, веќе со години работи на концептот за вселенски лифт. Јапонската корпорација Обајаши вети дека ќе ја направи и објави својата верзија на вселенски лифт до 2050 година, а цената на неговата изработка ќе изнесува 90 милијарди долари.
Сега, двајца научници од Велика Британија и САД оди чекор понатаму и тврдат дека не само што е возможен вселенски лифт до Месечината, туку дека може да се изгради и од веќе постојните материјали што му се достапни на човекот.
Зефир Пенор од универзитетот Кембриџ и Емили Стенфорд од универзитетот Колумбија имаа поинаков пристап од наведените агенции и корпорациите. Нивниот концепт е замислен така што кабелот од лифтот воопшто не доаѓа на Земјата, туку во високата геосинхрона орбита над нашата планета, поточно на 35.577 километри над површината.
На овој начин, кабелот би бил безбеден од сателитите лоцирани во пониските орбити или вселенскиот отпад лоциран во пониските орбити околу Земјата.
Самиот кабел би бил со дебелина на обичното пенкало и конструиран од карбонски полимери. Цената на целиот проект се проценува на милијарди или десетици милијарди долари.
– Нивната студија навистина изгледа добро. Се чини дека сосема независно го развиле вселенскиот лифт до Месечината, коментираше Мајкл Лајн, основач на групата LiftPort за Fox News.
Тој додаде дека вселенскиот лифт не е математички проблем, но дека тој се појавува кога концептот се пренесува во реалниот свет.
Еден од најголемите проблеми е кој материјал да се избере за кабелот, бидејќи кој и да се избере, треба да биде неверојатно цврст. Јаглеродните наноцевки кои се 100 пати посилни од челикот би можеле да бидат доволни, но технологијата за нивно производство не е развиена до таков степен, да може да се произведе толку долг кабел.