Питката вода на Марс стана солена

Curiosity откри релативно високо ниво на сулфатни соли во карпите на кратерот Гејл.

Марс во минатото бил релативно топол и воден свет преполн со реки и езера, а имал и океан кој покривал голем дел од северната хемисфера. Пред околу 4,2 милијарди години работите почнале да се менуваат.

Марс го изгубил своето магнетно поле кое ја чувало атмосферата од сончев ветер. Тоа предизвикало планетата да стане студена и сува. Денес, Марс има атмосфера која изнесува само 1 процент од Земјината, а за среќа нашата планета сè уште има магнетно поле.

Научниците од НАСА задолжени за мисијата на роверот Curiosity објавија нови откритија за Црвената планета, поточно за кратерот Гејл каде што роверот врши истражувања. Детектирани се големи нивоа на сулфатни соли во карпите на кратерот, насобрани од талози на водата низ различни нивоа.

Роверот успеа да собере нови докази за античко солено езеро пред 3,7 милијарди години на кратерот Гејл.

Научниците веруваат дека во претстојниот период ќе се дознае повеќе за еволуцијата на езерата во кратерот Гејл.

„Знаеме дека ќе добиеме одговор, можеби и голем одговор за тоа што се случило следно со езерото, вклучувајќи го и одговорот за сулфатите“, велат од НАСА.