Израелските иновации го менуваат светот – ќе научиме ли нешто од водечката „стартап-нација“?

Колку често користите УСБ или влажни марамчиња? Има ли некој што не пробал чери-домати или што не слушнал за стент за срце? Но, дали сме се прашале од каде доаѓаат овие „производи“, кој ги „измислил“ и чии пронајдоци се?

Одговорот е – Израел.

Библиската, „света земја“ денес е глобален центар за врвна технологија. Со повеќе високотехнолошки стартапи по глава на жител од кое било друго место во светот, Израел има водечка улога во иноваторството.

Од различни практични алатки што значително го подобруваат секојдневното живеење и придонесуваат за заштита на животната средина, преку нано и кибернетски решенија, до футуристички медицински помагала што дијагностицираат болести во моментот. Ова е дијапазонот во кој се движат ултрамодерните „подвизи“ на Израел.

Земјата кубури со ресурси. Околу 75 отсто од територијата на државата се пустина. Речиси нема извори на храна, а дискутабилна е и употребливоста на почвата. Од друга страна, и историјата покажала немилосрдност. Го собрала данокот. Шест милиони Евреи се убиени во текот на Втората светска војна.

Но, ништо не е обесхрабрувачки, ниту може да ја наруши амбицијата, желбата за наука, иновации, технолошки развој и напредок. Напротив, уште повеќе ја зголемува и стимулира.

– Во Израел, земјата со многу малку природни ресурси, го откривме најголемиот ресурс: човечкиот капитал, кој е поголемо богатство од кој било друг ресурс на Земјата – oва е познатата реченица на поранешниот претседател и премиер Шимон Перез, која како неприкосновена матрица се провлекува низ генерациите.

Израел има стартапи во областа на музиката, во одбраната, па дури и во делот на „воспитувањето“ деца од основните школи.

Учениците имаат можност во целосно опремени лаборатории, како низ игра, да работат со физичари, инженери, да конструираат роботи, а потоа и интернационално да се натпреваруваат, поттикнувајќи ги и негувајќи ги иноваторските, па и претприемачките вештини.

Еврејската култура (посветеноста) или израелскиот дух (истрајноста), што ја прави „светата земја“ една од водечките „стартап-нации“ во светот? Веројатно и едното и другото.

– Претворете ги вашите соништа во реалност и вложувајте во човечки капитал – би ви рекле некои од младите израелски сопственици од „стартапи“, кои одамна ја научиле лекцијата, а своите сили, наместо дома, „ги мерат“ надвор, на пазарите во Европа, Кина и САД.

Ќе имаме ли капацитет да пресликаме некоја од успешните израелски приказни, да научиме нешто повеќе, да ја прифатиме помошта што оваа водечката „стартап-нација“ ни ја нуди?.

– Ако не сакате да ги миете садовите на Европа, станете иноватори. Ние сме тука да ви помогнеме – порачува израелскиот амбасадор Дан Оријан.