PayPal Holding, сопственик на истоимениот систем за дебитно плаќање, објави дека се повлекува од Libra Association, која стои зад напорите на Facebook да создаде глобална дигитална валута.
PayPal е првиот член што го напушти здружението. Компанијата соопшти дека имаат намера да се фокусираат на нивниот основен бизнис, објави Ројтерс. „Промената, што ќе ги пренасочи финансиските системи кон луѓето, а не кон институциите, што им служат, ќе биде тешка. Посветеноста кон оваа мисија е поважна за нас од било што друго“, коментираат од PayPal.
Претходно, Вол Стрит Журнал објави дека системите за плаќање Visa и Mastercard, исто така, размислуваат за нивното учество во проектот затоа што не сакаат да го привлечат вниманието на регулаторите. По објавувањето на PayPal, здружението останува со 28 члена. Засега нема официјален коментар за процесите во организацијата од страна на Facebook.