Група хакери, која наводно е поврзана со иранската влада, проба да навлезе во мејл адресите на лицата, кои се поврзани со предизборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп, но не успеа во тоа, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извори запознати со ситуацијата.
Компанијата Microsoft претходно соопшти дека забележила значајни сајбер активности на групата, која ја нарекуваат Фосфор, а за која се верува дека потекнува од Иран и дека е поврзама со владата на таа земја. Microsoft тврди дека на мета на хакерите се нашле повеќе од 200 мејл налози, од кои некои им припаѓаат на лицата поврзани со предизборната кампања за претседателските избори во САД, додава BBC.
Како што се прецизира, групата повеќе од 2.700 пати пробала да ги идентификува мејл налозите во период од 30 дена, од август до септември, а потоа „нападнала 241 профил”. Налозите, кои биле мета, се поврзани со американската претседателска кампања, актуелните и бивши американски политичари и новинари кои ја следат светската политика и истаканти Иранци, кои живеат надвор од Иран”, наведува Microsoft.
Американската компанија додава дека на крајот само четири налози биле компримитирани, но дека ниту еден од нив не е поврзан со кампањата на Трамп, ниту со некој бивш или сегашен политичар. Портпаролот на кампањата на Трамп изјави дека немаат никакви назнаки дека нивната инфраструктура се нашла на мета на хакери.