Група хакери поврзани со Иран во август и септември се обидела да ги хакира адресите за електронска пошта на американски тим за претседателска кампања, владини претставници и новинари, соопшти Microsoft.
Центарот за кибер безбедност на Microsoft ја следел активноста на групата, која повеќе од 2.700 пати се обидела да идентификува електронска пошта на корисниците на Microsoft., а потоа и да „нападне 241 налог“, изјави Том Барт, потпретседател на фирмата задолжен за безбедност и доверба на клиентите.
Се верува дека групата е „од Иран и е поврзана со иранската Влада“.
– Профилите кои биле цел на нападите се поврзани со тим од претседателска кампања во САД, сегашни и поранешни владини претставници, новинари кои покриваат меѓународни политички односи и познати Иранци кои живеат надвор од нивната земја – рече Барт.
Хакерите на крајот дошле до само четири налози, од кои ниту еден не бил поврзан со политичка кампања или владата, тврди Microsoft.
Техеран и Вашингтон се во остар спор од мај 2018 година, кога САД еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година и повторно воведоа економски санкции против Иран.