Мобилната апликација за општина Карпош, „мЗаедница“ изработена од проектен тим од земјава е победник во категоријата Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството, одлучи жири Комисијата на Европската награда за млади (European Youth Award 2019) на средбата во Сараево.
„мЗаедница“ е иновативно дигитално решение за активно граѓанско учество на Центарот за Социјални Иновации Блинк 42-21“ продуцирана од проектниот тим Зорица Велковска, Моника Јандревска, Кристијан Трајковски и Симон Стојановски и проектниот директор Милан Танчески. Европската награда за млади, како што соопштуваат од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, е уникатно европско движење кое ја наградува креативноста и ентузијазмот на младите креатори на дигитални содржини кои веруваат во моќта на технологијата и интернетот за да влијаат врз општеството и да го направат светот подобро место за живеење. Европската награда за млади е дел програмата на Европската Унија – Европа за граѓаните и ги поддржува социјално вредните дигитални проекти кои се однесуваат на целите дефинирани од Советот на Европа, Европа 2020 и Платформата за знаење за одржлив развој на Обиденетите Нации.
-Нашиот тим имаше визија да го редефинира концептот на граѓанско учество со воведување нови и иновативни начини преку кои граѓаните можат да влијаат во локалната заедница. Целта ни беше да креираме дигитална алатка која ќе го користи концептот на мобилно учество (м-учество) за зголемување на граѓанското учество во акциите и процесот на донесување одлуки на локално ниво. „мЗаедница“ им овозможува на граѓаните и локалната самоуправа да придонесуваат за подобрување на заедницата “во секое време, на секое место, посочува Зорица Велковска, Проектен Менаџер и ко-основач на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21.
На финалниот дел од овој натпревар, кој се одржа во Сараево Комсијата одлучуваше меѓу 45 иновативни дигитални проекти кои можат да влијаат врз општеството во седум категории. Официјалното доделување на наградата ќе се одржи на Фестивалот во Грац, Австрија од 27 до 30 ноември 2019 година.
-мЗаедница го адресира секојдневниот проблем на политичката летаргичност на многу креативен начин. Тимот на БЛИНК 42-21 треба да биде инспирација за младите, укажувајќи што може да се постигне преку силата на дигитализацијата. Ни претставува големо задоволство што ќе имаме можност да го почувствуваме нивниот дух и пасија на Фестивалот за доделување на Европската награда за млади. Само замислете, 400-тини млади ќе дојдат на фестивалот за да се инспирираат и поддржат, вели Бригит Колб, Проектен Менаџер на Европската награда за млади.
Интерактивната дигитална платформа, мЗаедница, е составена од мобилна апликација и административен панел за поддршка на граѓаните и општината за да создадат подобра заедница.
„мЗаедница“ е достапна за паметни телефони кои користат оперативни системи на Андроид и ИОС и дава можност секој граѓанин да пријави проблем, да презентира решение и да започне иницијатива во заедницата.
„мЗаедница“ успешно се користи во општина Карпош, а е прилагодлива за секоја општина и на кој било јазик/ци по потреба. „мЗаедница“ е дел од проектот „Вклучена младина за м-партиципација“ кој е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Поврзани артикли