Samsung оваа година прв пат воведе варијација во Note серијата, претставувајќи два уреда со различни дијагонали на екрани, од кои добивме прилика да го испробаме оној помалиот. Колку е добар Samsung Galaxy Note10 и дали тие 0,5 инчи прават голема разлика?
НИКОЛА БУРАГЕВ
Долго време поминавме читајќи за новиот Samsung Galaxy Note10, но конечно дојде време и самите да го испробаме. Залажани од премисата на тестирање на „помоќниот” Galaxy Note10, самата идеја на рецензија на нешто помалиот Note 10 звучеше како чекор наназад, со оглед дека барем на хартија, 10+ има очигледно подобри карактеристики. По десетина дена тестирање, ова мислење го променивме од неколку многу важни причини.
Големината е битна?
За почеток, Note10 за разлика од Note10+ има 6.3-инчен Super AMOLED екран и e тежок е 168 грама, што е полесно од голем број на други современи мобилни уреди. Како и Note10+, Note10 доаѓа со дигиталното пенкалце S Pen, кое му пружа карактеристични функции на фаблет. Иако така не се чини на прв поглед, функционалноста на овој компактен уред, дури е и подобра ако немате големи раце. Телефонот е компактен, елегантен и релативно тенок. Стаклената конструкција зацврстена со метална рамка, исто така, оддава чувство престиж, иако смартфонот поради минималистичкиот дизајн повеќе изгледа како минијатурен компјутер, отколку парче накит.
Перформанси
Гледано од перспектива на перформансите, уредот е супер брз благодарение на 7-нанометарскиот чип Exynos 9825, процесор што го користат и годинашните Galaxy S10 и S10+. Телефонот работи брзо и глатко при игрите и програмите. Благодарение на 8GB RAM меморија, нема ни проблеми со мултитаскингот, додека интерната меморија од великодушни 256 GB може да собере илјадници фотографии и видеа и голем број апликации. Причината поради која Samsung одлучи да се „расфрла” со гигабајтите, лежи и во елиминацијата на слотот за проширлива меморија, но земајќи во предвид дека поголем дел од корисниците голем дел од податоците ги чуваат на Cloud, слободниот простор не би требало никому да му претставува проблем. Во ова, секако, не ги вбројуваме power корисниците, кои и онака можат да ја набават верзијата со 512GB простор.
S Pen
Од перспектива на функционалноста, со годинашниот Note немавме речиси никакви проблеми. S Pen работи брзо и елегантно, придружниот софтвер овозможува многу лесни и брзи белешки, а гестикулациските команди даваат повеќе контрола над софтверот. Минатогодишната примена на S Pen како помошен прекинувач за селфи фотографии и натаму е тука, а додадена е и можноста за правопис по лицата на пријателите во проширената реалност, која искрено повеќе служи како корисен трик, отколку како причина поради која треба да го купите уредот.
Камери
Кога сме веќе кај камерите, треба да се нагласи дека Note10 пристигнува со речиси целосно ист сет на објективи како и Galaxy S10+ и се разликува според софтверот за камера, функциите за снимање на видеа со помош на функцијата Live Focus, како и само една селфи камера од 10 мегапиксели (за разлика од S10+ кој доаѓа со две). Со оглед на тоа дека имавме прилика да ги испробаме и Galaxy S10 и Note10, можеме да кажеме дека искуството на фотографирање е речиси исто, што значи дека се работи за уреди со сличен квалитет на камерите.
Вештачката интелигенција која го поправа кадарот и пружа можност за уредување на фотографиите, по снимањето бара минимална доза на талент кај самиот фотограф и во голем број случаи драматично ја поправа сликата. Без да навлегуваме во техникалии, треба да се истакне дека целото искуство на фотографирање и снимање на видео е многу добро. Единствен приговор имаме за Live Focus за видео, кој при снимањето случајно ја заматува и разбиструва позадината, што со малку подесување може да се поправи при накнадното уредување на видеото.
Функционалност во секојдневното користење
Она што не воодушеви е колку овој уред е ефикасен, и покрај помалата дијагонала на екранот. Очекувавме дека помалиот приказ ќе го отежни скицирањето и работата во апликациите, но се испостави дека е доволно компактен да не пречи при работа и доволно голем да можеме да бидеме продуктивни кога малку ќе го оддалечиме од очите. Главната функција на S Pen, барем од нашето искуство, лежи во програмите каде што тач интерфејсот едноставно не е доволен, затоа што корисникот ги крие командите со прст, како и во софтверот за фотографирање.
За пет ѕвездички во оваа категорија, Samsung сепак би требало да уфрли и екран од 120 Hz, со цел цртите на екранот да не заостануваат зад потезите на пенкалцето. Воведувањето на оваа функција, пак, дополнително би ја оптоварило батеријата на уредот, што потоа би се манифестирало со пократок рок на траење на батеријата. Што се однесува до полнењето, многу се радуваме што Samsung заедно со Note10 уфрли полнач од 25W, со кој батеријата од 3500 mAh од 0 до 50 проценти капацитет се полни за околу половина час. Што се однесува до издржливоста, исто така немаме многу проговори. Уредот без проблеми, до наредното полнење, може да претрпи еден ден интензивен мултитаскинг.
Чувство на користење и заклучок
Што се однесува до ергономијата, не останавме воодушевени од позиционирањето на сите копчиња на левата страна на уредот, затоа што е многу едноставно случајно да бидат притиснати, како и од фактот дека низ годините на користење на смартфоните навикнавме на распореди кои ги преферираат двете страни на телефонот. Кога сме веќе кај работите кои некого би можеле да го разочараат, треба да се нагласи дека годинашниот Note е прв во својата линија, кој не доаѓа со 3,5-милиметарски влез за слушалки. Уредот, од друга страна, пристигнува со многу добри USB-C слушалки од AKG, така што веруваме дека ситуацијата не е толку катастрофална, како што би претпоставиле некои аудиофили.
Воглавно, заклучокот по десетдневниот тест е релативно предвидлив. Samsung Galaxy Note10 е компактен и многу сестран уред со убав дизајн, кој иако не прави се совршено, голем дел од работите ги изведува подобро од што очекувавме. Ако сте горд сопственик на помали раце, во него веројатно уште повеќе ќе уживате, со оглед дека ги пружа сите функции на фаблет уред, без нужно навлегување во категоријата на масивни екрани.
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Процесор: | Exynos 9825 (7 nm) |
Екран: | 6.3-инчен Dynamic AMOLED, 2280 x 1080 (FHD+), 19:9 ratio (~401 ppi), HDR10+ |
RAM и интерна меморија: | 8GB / 256GB |
Задни камери: | 16MP ултра широк агол, широк агол од 12MP, 12MP телефото |
Предна камера: | 10 MP, f/2.2, 26mm (wide), 1.22µm, Dual Pixel PDAF |
Безжично поврзување: | HSPA 42.2/5.76 Mbps, LTE-A (7CA) Cat20 2048/150 Mbps, NFC, 802.11ac Wi-Fi, |
Батерија: | 3.500mAh |
Полнење: | Брзо полнење преку USB-C или безжично, како и обратно безжично полнење за дополнување на други Qi-уреди |
Водоотпорност | IP68 отпорност на вода и прашина |
Биометриска безбедност: | Отпечаток од прст (под екранот, ултрасоник) |
Оперативен систем: | Android 9.0 (Pie); One UI |
Тежина и Бои | 168 gr – Aura Glow, Aura White, Aura Black, Aura Pink, Aura Red |
Поврзани артикли