Управата за јавни приходи извести дека, вчера, 30 септември, заврши првото тримесечје од реализацијата на мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ. Средствата од повратот остварен во јули, август и септември на граѓаните ќе им бидат исплатени на трансакциските сметки до крајот на декември оваа година.
Од воведувањето на мерката на 1 јули оваа година до вчера регистрирани се 170.378 корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е промет од 11.423.978.620 денари, со вкупен ДДВ од 1.241.434.628 денари, а повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ изнесува 186.215.194 денари, односно 3.028 евра.
По исплатата во декември, ќе следува исплата во текот на февруари за октомври, ноември и декември, во април за јануари, февруари и март, во август за април, мај и јуни и во ноември за јули, август и септември.
„Управата за јавни приходи изразува задоволство од досегашната реализацијата на ‘Мој ДДВ’. Податоците покажуваат дека мерката ги исполнува целите за кои е наменета. Ги враќа парите кај граѓаните и ја намалува неформалната економија“, велат од УЈП.
На корисниците сега им е достапна и веб-апликацијата „Мој ДДВ“ преку која може да го проверат износот на повратот што ќе им биде исплатен на нивната трансакциска сметка, а имаат и можност за повлекување фискални сметки што се скенирани погрешно.
Во наредниот период Управата за јавни приходи ќе излезе со целосна анализа и податоци за мерката „Мој ДДВ“ преку која ќе се видат придобивките и во однос на намалувањето на сивата економија по нејзиното воведување.
Поврзани артикли