„Дипфејк“ технологијата (Deepfake), што подразбира дигитално уредување, монтирање и фотомонтирање снимки, е во многу брз развој и наскоро, веројатно нема да може да се препознае дали станува збор за вистинска или лажна видео-содржина.
Пионерот за оваа технологија, Хао Ли неодамна во интервју за Си-ен-би-си изјави дека софтверот за „совршено реални“ дигитално манипулирани видеа може да биде достапен за шест месеци или една година.
– Сегашните „дипфејк“ снимки се лесно забележливи, но има и такви што изгледаат убедливо, додава Хао. Тој предупредува дека тоа постојано се унапредува и оти наскоро ќе биде тешко да се препознае лажната од вистинската содржина, поради што ќе треба да се најдат различни решенија.
Напредокот на таа технологија во голем дел е пресликан во популарната кинеска апликација „Зао“, којашто му овозможува на корисникот, на пример, да го монтира својот лик врз лицата на актерите во ТВ-емисии и филмови.
– Ние веќе знаеме како се прави тоа. Потребно е само малку усовршување на функциите, вели Хао.
За да покаже до каде е нивото на развој на оваа „Дипфејк“ технологија, Ли претстави лажен видеозапис со ликот на рускиот претседател Владимир Путин прикажан на Технолошката конференција на МИТ минатата недела.
Поврзани артикли