Во Пекинг на крајот од месецов ќе биде отворен најголемиот аеродром во светот, по речиси пет години изградба.
Новото транспортно средиште „Меѓународен аеродром Пекинг Даксинг“, чија изградба чинеше 80 милијарди јуани (11,3 милијарди долари), ќе има спектакуларен објект во форма на морска ѕвезда и ќе биде најголемo во светот со оглед на тоа што зафаќа површина од 700.000 квадратни метри, пренесе РТ.
Целиот аеродром зафаќа површина од околу 47 квадратни километри, со четири писти и 268 места за паркирање авиони.
Новиот аеродром, кој се наоѓа на 46 километри јужно од плоштадот Тјенанмен во Пекинг, се очекува да прима до 45 милиони патници годишно до 2021 година, а 72 милиона до 2025 година.
Сепак, постојат уште поамбициозни планови за негово проширување, бидејќи се очекува капацитетот да се зголеми на 100 милиони патници до 2040 година.
Иако станува збор за најголемиот аеродром во светот, истиот е дизајниран на таков начин што ниту еден патник нема да мора да оди повеќе од осум минути за да стигне до некој терминал.
Аеродромот е дизајниран од британско-ирачкиот архитект Заха Хадид.
Според Си-ен-ен, безбедносните контролни пунктови ќе бидат поблиску до вратите, ќе има и роботи кои ќе се движат низ терминалите и ќе им помагаат на патниците, односно ќе им ги презентираат најновите информации за термините на летовите и временските услови.
Аеродромот исто така ќе има и брза железница со експресни возови со цел патниците од аеродромот до центарот на градот да стигнат за помалку од 20 минути.
Поврзани артикли