IT гигантот планира целосно да ја електрифицира својата флота.
Amazon е една од првите компании која инвестираше во новиот производител на електрични возила – американскиот Rivian. ИТ-гигантот инвестираше дури 700 милиони американски долари во оваа стартап компанија, а сега има намера да го зголеми производството со нарачка од дури 100.000 доставни возила на струја.
До пред само една година, речиси никој во автомобилската индустрија немаше слушнато за името Rivian. И тогаш овој стартап го привлече вниманието на светската јавност со два електрични прототипи што ги претстави на авто салонот во Лос Анџелес минатата година. Станува збор за пикапот R1T и SUV моделот R1S. Во меѓувреме, Rivian привлече инвеститори да започнат со сериско производство на овие возила, вклучително и Amazon.
Токму еден од потпретседателите на Amazon – Дејв Кларк, на Twitter ја објави веста за нарачката на 100.000 електрични доставни возила, илустрирана со рендер од возилото.
Our fleet is Electrifying! Thrilled to announce the order of 100,000 electric delivery vehicles – the largest order of electric delivery vehicles ever. Look out for the new vans starting in 2021. pic.twitter.com/y5qYpuy2WP
— Dave Clark (@davehclark) September 19, 2019
Се очекува Rivian со производство на ова возило да започне во 2021 година, додека почетокот на производството на претходно споменатите модели е закажано за 2020 година.
Amazon објави дека споменатата нарачка е најголема досега кога станува збор за овој вид комерцијално возило. Планот е првите 10.000 на патиштата да стигнат до 2022 година, а преостанатите 90.000 до крајот на 2030 година.
Amazon проценува дека со воведувањето електрични возила за испорака ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 4 милиони тони во текот на следната деценија, а компанијата планира целосно да се префрли на обновлива енергија до 2030 година.