Иако сите корисници на паметни телефони со нетрпение чекаат некој револуционерен момент во развојот на батериската техногија, кој ќе овозможи повеќедневно траење на батеријата, такво нешто реално не треба да се очекува во блиска иднина. Сепак, она што може да не развесели е големиот напредок на технологијата за полнење на батериите и тоа што батериите кај новите модели на смартфони се полнат се побрзо и побрзо.

Од кинеската компанија Oppo најавија дека нивниот смартфон Reno Ace, кој ќе го претстават на 10. октомври, ќе поддржува 65W SuperVOOC 2.0 технологија за полнење на батеријата, благодарение на која батеријата со капацитет од 4000 mAh, од 0 до 100 проценти ќе се наполни само за половина час. Oppo претходната верзија на SuperVOOC технологијата со сила на полнење од 50W веќе ја користи на моделот Find X (Lamborghini верзија) и благодарение на неа, батеријата со капацитет 3400 mAh може да се наполни до стотка за 35 минути.

Со новата верзија, дополнително е унапредена ефикасноста и од компанијата наведуваат дека полначот е осигуран со дополнителни заштитни мерки за да не дојде до проблеми и прегревање при полнењето. SuperVOOC 2.0 ќе биде резервиран само за најмоќните модели, додека поевтините модели на Oppo ќе ја користат 30W VOOC 4.0 технологијата, со која истата батерија ќе може да се наполни до 67 отсто по половина час, додека максимална наполнетост би требало да достигне по 73 минути, што исто така не се лоши бројки. Таква можност ќе ја имаат претстојниот смартфон Oppo K5 и веројатно Realme X2.