Европското биро за животна средина, составено од 143 европски невладини организации, бара од Европската Унија да воведе законска регулатива со која ќе се продолжи животниот циклус на смартфоните и другите електронски направи, за да се намалат штетните последици врз животната средина.
Според Бирото за животна средина, кое се повикува на научни истражувања, сѐ покусиот рок на траење на електронските направи е одговорно за 14 милиони тони ЦО2 емисии годишно во Европа. Доколку се зголеми нивниот животен циклус за пет години, намалувањето на штетните емисии во воздухот би било еднакво на отстранување на пет милиони автомобили од патиштата.
Смартфоните, машините за перење, правосмукалките и останатите електронски направи интензивно трошат енергија не само при нивната употреба, туку и при самото нивно производство. Оттука, Европското биро за животна средина оценува дека е потребна законска рамка на ЕУ ниво за тие да бидат поодржливи и со тоа да се намали нивната штетност врз климата.
Просечниот животен циклус на еден смартфон во Европа е од три години, за лаптоп шест години, машина за перење – единаесет, а правосмукалка шест и пол години. Најчесто, корисниците наместо да ги поправат направите, купуваат нови или добиваат замена од производителите.
Иако организацијата не сака отворено да шпекулира за евентуалните комерцијални мотиви на производителите зад сѐ покусиот ток на траење на апаратите, постојат индиции дека “планираната обсолесценција“, односно програмирано застарување на направите е цел на одредени компании.
Односно дека намерно се произведуваат недоволно квалитетни апарати, чие поправање е потоа или премногу скапо или невозможно, и со тоа се тера корисникот да посегне кон купување замена, наместо поправање.
-Иако е тешко да се процени дали компаниите намерно го скратуваат животниот рок на електронските апарати, пропорцијата на дефектни направи кои потрошувачите ги заменуваа се зголемила од 3.5 отсто во 2004 година на 8.3 отсто во 2012-та, истакнува Бирото.
Невладините организации неодамна успеаја да издејствуваат европска регулатива за зголемување на циклусот на мала група апарати како телевизорите, фрижидерите, и машините за перење, која треба да биде усвоена во наредните месец и половина.
Според овие нови правила од 2021 би требало производителите да бидат обврзани дека направите ќе можат поедноставно да се поправаат. Невладините ќе продолжат да лобираат за проширување на списокот на апарати кои треба да бидат регулирани со посебен акцент на смартфоните и компјутерите.
-Оваа студија е дополнителен доказ дека Европа не може да ги исполни своите климатски обврски доколку не се справи со потрошувачките навики и навиките на производство. Ефектот врз климата на нашата култура на смартфони за една употреба е преголем и не можеме повеќе да си дозволиме да ги менување на неколку години, потребни ни се долготрајни производи кои можат да бидат поправени, изјави Жан Пјер Швајцер, од Европското биро за животна средина.
Тој додаде дека јавноста бара производи кои ќе траат и дека јавното мнение во однос на климатските промени се менува и поради тоа е потребно да се размислува за нов начин на дизајнирање и производство.
-ЕУ може да биде лидер во оваа област, бидејќи беше прва во креирање закони со кои се приморуваат производителите да фабрикуваат продукти кои полесно можат да се поправат, додаде Швајцер.
Поврзани артикли