Американската технолошка компанија Apple започна епска судска битка со ЕУ, поради одредби на Комисијата според кои на Ирска треба да ѝ исплати 13 милијарди долари данок.
Правници на најголемата светска компанија ќе се спорат пред луксембуршкиот суд со функционерите на ЕУ и ќе се обидат да ја оспорат одлуката, која извршниот директор Тим Кук, ја нарече „тотална политичка глупост“.
Заклучокот на Европската комисија во 2016 година го објави комесарката за заштита на конкуренцијата, Маргрет Вестагер, доделувајќи ѝ на Европа водечка улога во настојувањата да се тргне моќта од американскиот технолошки гигант.
Рочиштето ќе биде одржано денеска и утре во Општиот суд на ЕУ, а судиите мораат да донесат пресуда до 2020 година. Евентуална жалба би се поднела до Европскиот суд за правда, со можност за донесување конечна одлука до 2021 година.