Научници открија исчезнат вид кенгури од ледениот период во Австралија, коишто изгледале многу различно од денешните.
Научниците од Универзитетот на Арканзас, САД, сметаат дека животното, кое живеело пред 42.000 години, имало поширок, а покус череп. Тоа му дозволувало да грицка дрвја, што било неизбежен дел од неговата исхрана, слично како и кај пандите и коалите. Тоа својство, како и надворешниот негов изглед, биле различни од оние на денешните кенгури.
Черепот на новооткриениот вид Simosthenurus occidentalis е реконструиран компјутерски. Со помош на моделите научниците спровеле и симулации на загризот, односно на механизмот и силата, па ги споредиле со оние на пандата.
И телото на древниот кенгур било поцврсто од тоа на денешните кенгури. Древното животно имало долги мускулести екстремитети, а обликот на неговата глава наликувал на денешните коали.