SimCity во реалниот живот: Во Виена отворен првиот City Intelligence Lab

Во Виена е отворен првиот City Intelligence Lab. Лабораторијата со вештачка интелигенција нуди одговори на прашања од урбанизмот.

Како се развиваат горештините, сообраќајот или ветрот? Кој е потенцијалот на соларните панели во градот? На овие и слични прашања од областа на урбанизмот и просторното уредување, Виена нуди брзи одговори со помош на вештачката интелигенција и моделот на виртуелна реалност во City Intelligence Lab.

Оваа недела во Виена е претставен проектот City Intelligence Lab. Лабораторијата поседува вештачка интелигенција и самостојно комуницира со корисниците, а развиен е од Австрискиот технолошки институт (AIT). Во својата база на фајлови складира податоци кои се собирале со години и многу потсетува на видео играта SimCity, преку која генерациите играчи ги остварувале своите урбанистички визии.

City Intelligence Lab овозможува подигнување на цели населби во минута, вештачката интелигенција истовремено ги пресметува сите можни последици во однос на струењето на воздухот и ветарот, промената на температурата или промените во сообраќајот. Со движење на прстот можете комплетната населба да ја претворите во паркинг, да извршите прераспределба на деловните објекти и да пресметате како тоа би се одразило на пазарот на недвижнини.

Предноста на интелигентниот систем, кого го сметаат за нов вид лабораториска инфраструктура, пред се е неговата брзина, а во иднина ќе биде применлив и во другите градови.