Google Pixel 4 се очекува следниот месец и се верува дека телефонот ќе има две камери на задната страна со 12MP главен и 16MP телефото сензор. Доколку најновите извештаи се точни, ќе видиме и нова функција за камерата, под името Motion Mode.
Motion Mode на корисниците ќе им овозможи да креираат спортски и акциски снимки „со подвижни субјекти кои се во позадина, како и со замаглена позадина”. Покрај ова, Pixel 4 ќе има и подобрен Night Sight, со унапредувања во доменот на брзината.
Фотографиите кои го прикажуваат Pixel 4 во живо, откриваат дека телефонот ќе има 8x зум, кој би можел да биде комбинација од оптичко зумирање и Super Res Zoom функцијата на Google.
Уште една фотографија потврдува дека Pixel 4 ќе има 6GB RAM. Актуелните Pixel модели пристигнуваат со максимално 4GB RAM и корисниците секако со задоволство ќе го прифатат преминот на 6GB RAM меморија.