Семос Едукација стана првата акредитирана институција од страна на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија за спроведување на постсредно специјалистичко образование за квалификацијата – Графички дизајнер на 5-Б ниво од Македонската рамка за квалификации. Ова е единствена акредитирана образовна институција од ваков вид во државата, каде студентите кои посетувале и ќе посетуваат стручна едногодишна обука на програмата за Графички дизајн, ќе добијат официјална специјалистичка диплома за квалификација Графички дизајнер признаена и акредитирана од Министерството за образование и наука на РСМ.
Во изјава на м-р Ангелина Канчевска, раководител на Семос Академијата за графички и веб дизајн, добивме изворни информации за вреднување на знаењето и стекнување на квалификациите од постсредното образование за професијата Графички дизајнер.
“Среќни сме и задоволни што долгогодишниот вложен труд, конечно се исплатеше. Низ изминатите години, несебично го инвестиравме сето свое знаење, искуство, желба и амбиција со цел нашите студенти да ја добијат заслужената потврда на своето знаење. Посебна заслуга за развој на наставната програма имаат и нашите долгогодишни професори кои со својата експертиза допринесоа оваа програма да вклучи практични знаења и вештини кои се тесно поврзани со барањата на бизнис заедницата. Со оваа рамка на квалификации предвидено е за 550 часа да се добијат 60 ECVET кредити за една академска година. По успешна реализација на наставата, кандидатите полагаат теоретски и практичен специјалистички испит. Европскиот кредит трансфер систем за стручно образование и обука е новитет во Македонија, согласно реформите кои се спроведуваат во образованието, и има за цел поголема мобилност на стручните кадри и полесна интеграција на државата во ЕУ.” – изјави Ангелина Канчевска.
Еднo од најбараните занимања во креативната и дигитална индустрија на пазарот, но и најпривлечна за младите е графичкиот дизајн. Голем дел од младите го добиваат знаењето преку курсеви и обуки, преку самоучење, онлајн туторијали, книги и сл, но тоа не ги прави доволно конкурентни на пазарот, заради тоа што немаат стекнато потребни стручни квалификации.
“Квалификацијата Графички дизајнер, содржи основни и специјалистички единици кои што ги покриваат аспектите на знаење, вештини и компетенции потребни за извршување на работните задачи. Лицето со оваа квалификација знае да изработува скици и нацрти за развој на идеи, користејќи критичко и креативно размислување, логика и анализа. Како алатки ги користи најновите компјутерски софтвери за графички дизајн кои му помагаат да изработува графички решенија, прави адаптации и корекции на дизајн како и да подготвува фајлови за печатење и за веб-употреба.”, изјави професорката м-р Даниела Спасева, координатор на програмата за графички дизајн во Семос Академијата.
Уписите на Семос Академија за графички и веб дизајн се во тек а наставата почнува на 16 септември 2019 година.
На Академијата можат да се запишат:
- кандидати со завршено IV ниво од Националната рамка на квалификации
- кандидати со завршено VI и VII ниво од Националната рамка на квалификации за стекнување стручна квалификација (преквалификација или доквалификација)
Семос Едукација е првата институција во Македонија која ги издаде двете јавни исправи т.е. квалификации за Графички дизајнер и Веб дизајнер како установа за постсредно образование.
Поврзани артикли