Funky Fresh и МКЦ го најавуваат третото издание на единствената конвенција за винил во Македонија. На 28 септември, сабота, во просториите на МКЦ во текот на денот и вечерта на едно место ќе се соберат голем број љубители на винил културата.

„ Skopje Vinyl Convention“ е настан инспириран и посветен на сите пасионирани колекционери и љубители на винилните музички изданија.

„Сцена има, пазарот е разбуден!  Тоа ни го покажаа минатите две изданија. Затоа оваа година одиме со повеќе изложувачи и дилери и секако со одлична музичка програма“, вели Гоце Трпков (DJ Goce) еден од организаторите на конвенцијата.

Официјалната програма ќе биде објавена наскоро, а организаторите најавуваат настан за уживање. Целодневната програма вклучува голем број дилери на плочи од земјата и регионот, неколку премиери на нови винил изданија како и богата музичка програма која во вечерен дел како главни ѕвезди ќе ја збогатат двократниот DMC светски шампион DJ Woody од Велика Британија и Naughty NMX и DJ Mirko Machine од Хамбург, претставници  на Dusty Donuts екипата.

„Оваа година решивме да ги отвориме вратите за сите и да потврдиме дека плочата е повторно во мода! Ги очекуваме сите љубители на винил на 28-ми овој месец комплетно бесплатно да уживаат во овој единствен од ваков тип настан кај нас“, додава Мартин Христовски (DJ Chvare).

Деталната програма во која ќе бидат вклучени повеќе од 30 дилери и над 50 музичари ќе биде објавена на официјалните Facebook и Instagram профили на Skopje Vinyl Convention.