Компанијата „Гугл“ и видеопорталот „Јутјуб“ се казнети со 170 милиони американски долари во САД поради непочитување на законите за заштита на приватноста на децата и нивно изложување на несоодветни видеа, соопшти Агенцијата за заштита на потрошувачите (FTC).
Казната сега треба да ја потврди американското Министерство за правда. Сепак, ова е најголема казна во некој случај кој се однесува на заштита на приватноста на децата.
Во април 2018 година, 23 организации за права на интернет и заштита на децата поднесоа жалба до Агенцијата за заштита на потрошувачите. Тие го обвинија „Јутјуб“ дека собира лични податоци на малолетници (локацијата, уредот што го користат, телефонскиот број) без знаење на нивните родители и ги користат за реклами.