Апликацијата беше достапна на Google Play и со новата надградба во неа бил вметнат малвер кој без знаење на корисниците може да предизвика сериозни проблеми.

Станува збор за апликацијата CamScanner која нуди дигитализирање на текст, односно текстот врз кој ќе ја поставите камерата од вашиот уред, го дигитализира и претвора во PDF. Оваа корисна апликација досега беше симната од повеќе од 100 милиони корисници на Google Play, меѓутоа после најновата надградба, веднаш е отстранета од „продавницата“ на Google.

CamScanner со години беше достапна на Google Play и станува збор за легитимна апликација која ги поминала сите безбедносни проверки на Google и со која никогаш досега немало проблеми.

Сепак, со најновата надградба бил вметнат малициозен код кој може да превземе малициозни програми. Нивните креатори потоа можат на „заразениот“ телефон да прикажуваат огласи, да ги пријавуваат корисниците на некои претплатнички сервиси, да дојдат до приватни податоци и слично.

Проблемите со оваа апликација ги пронашле безбедносните експерти на компанијата Kaspersky, кои веднаш го предупредиле Google, по што апликацијата била повлечена од Google Play.

Доколку ја имате инсталирано оваа апликација на вашиот телефон, безбедносниот експерт Метју Хики има едноставен совет за вас: „Без двоумење, најдобро е да ја избришете CamScanner и да го почекате лансирањето на новата верзија која ќе биде тестирана од експертите за сајбер безбедност“.