Нов брзински рекорд на Hyperloop (ВИДЕО)

Во време додека сè уште чекамe електромагнетните возови во цевки под вакуум да ги превезат првите патници, тим студенти од Техничкиот универзитет во Минхен (ТУМ) со нивниот прототип (без патници) постигнал нов брзински рекорд со хајперлуп.

Новиот рекорд е постигнат на годишниот натпревар организиран од страна на „Спејс Екс“ и сега изнесува 464 километри на час. Студентите го соборија сопствениот рекорд од 2018 година, кој изнесувал 457 километри на час, а како изгледаат нивната патека и возилото, може да видите во ова видео.

За да се признае рекордот, прототипот морал да премине низ тесна цевка долга една милја (1,6 километар), се до 30 метри пред крајот на „пругата“, а потоа да закочи и безбедно да запре.

ТУМ во последниот обид постигнал и брзина од 482 километри на час, но таа не била признаена затоа што возот не запрел, туку на крајот од патеката се забил во ѕид и се запалил, па останал рекордот од претходниот обид.

Конечната цел на овие тестови е да се оствари брзината што ја замисли идејниот творец на хајперлупот, Илон Маск, кој предвиди дека возовите ќе се движат со брзина од 1.200 километри на час, со што од Лос Анџелес до Сан Франциско би се стигнувало за помалку од 30 минути, а со автомобил се потребни речиси 6 часа.
Извор: Vidi.hr