Huawei со HarmonyOS веќе има алтернатива за Android, а сега изгледа дека постепено ќе започне да нуди алтернативи за некои од најпопуларните услуги на Google. Меѓу нив е „Google Maps“. Huawei се подготвува да пушти конкурент на мапите на гигантот уште во октомври, пренесе „GizmoChina“.

Услугата ќе се вика Map Kit и првично нема да им биде понудена на крајните корисници. Наместо тоа, тоа ќе биде софтверски пакет што ќе им овозможи на развивачите на апликации да го користат и да ги создадат своите услуги со него. Услугата ќе биде развиена заедно со руската компанија „Yandex“ и американскиот сајт „Booking Holdings“.

Таа ќе понуди услуги за локација во 150 земји, со 40 јазици на располагање. Huawei исто така ќе користи телекомуникациски базни станици кои ја користат нејзината опрема за да се надополни сателитското позиционирање. Map Kit ќе обезбеди информации за сообраќај во реално време, а системот за навигација дури ќе може да открие кога автомобилот ги менува лентите. Ќе поддржува и додадена реалност, велат уште од компанијата.