Владата на Гренланд соопшти дека нејзината територија не е на продажба, по извештаите дека претседателот на САД Доналд Трамп бара начин да го купи огромниот остров.

Тие ја отфрлија идејата островот да биде купен од САД. Изјавата следува по извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп бил заинтересиран да ја купи територијата од Данска.

Во кус коментар на интернет-страницата, владата на Гренланд вели:

,,Имаме добра соработка со САД, и во ова гледаме зголемен интерес за инвестирање во нашата земја. Секако, Гренланд не е на продажба. Поради неофицијалниот карактер на веста, владата на Гренланд нема натаму да коментира”.

Интересот на Трамп за купување на Гренланд за првпат го објави „Волстрит журнал“. Весникот објави дека луѓето запознаени со разговорите изјавиле дека претседателот го поставил прашањето за време на состаноци и вечера, прашувајќи помошници и слушајќи сериозни совети за можноста и придобивките од поседувањето на Гренланд. Тој, исто така, побарал мислење и од Советот на Белата куќа да ја истражи оваа работа.

Данските политичари ги сметаат извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп покажува интерес за купување на Гренланд – автономна данска територија – за незамислива шега, напишаа поранешни членови на данската влада на своите официјални страници на „Твитер“.