На видеото, кое може да се погледне на „Јутјуб“, каде руското Министерство за одбрана има свој официјален канал, може да се видат секвенци од првото полетување на тешкото ударно беспилотно летало „Охотник“. Имено, информациите за успешното тестирање на летот на експерименталниот модел на ова летало се појавија на 3 август годинава.
Во еден момент може да се види дека беспилотното летало „Охотник“ е следено од повеќенаменски борбен авион Су-30СМ. Се работи за ловец со извонредни летечко-тактички карактеристики. Неговата главна задача е остварување апсолутна воздушна доминација над поширокиот простор каде што се одвива битката. Главниот фокус се противничките ловци и бомбардерите, но може да се употреби и за гаѓање на цели на земја.
Со најновиот пакет модернизација, руските конструктори очигледно се обидуваат да ги подобрат неговите „бомбардерски“ карактеристики и да ги изедначат со неговите способности кога станува збор за борба во воздухот. Во овој поглед, може да се очекува интеграција на дополнителен пакет софистицирана опрема за откривање на земја и гаѓање цели на земја, што ќе овозможи проширување на листата убојни средства од класата „воздух-земја“ кои можат да се најдат во неговото вооружување. Според воените стручњаци, најверојатно се конципира варијанта која ќе може да користи високопрецизна муниција, како на пример. „наведуваните воздухопловни бомби КАБ-250 и ракетите од класата „воздух-земја“ Х-59МК2“.
Западните медиуми кои внимателно ја следат реализацијата на овој проект сметаат дека основните задачи на беспилотното летало С-70 „Охотник“ се операциите за извидување и противелектронска борба, како и дека неговите димензии се сосем доволни за да можат да се применат современите типови воздухопловно ударно оружје од класата „воздух-земја“, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
По тој повод се огласија и кинеските медиуми, кои истакнаа дека се работи за настан од огромна важност кога е во прашање понатамошниот развој на тешката ударна беспилотна флота која ќе се најде во единиците на руска армија.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли