Швајцарски научници развиле вакцина која на лицата со алергија од мачки ќе им овозможи да се дружат со овие миленичиња. Истражувањата покажале дека најчестата причина за алергија е гликопротеин Фел д1, кој се наоѓа во плунката на мачката, дланките и кожата.
Кога протеинот ќе навлезе во организамот на лицата со алергија на мачки, се активира реактивен налет на хистамин, што доведува до јадеж, отежнато дишење и други симптоми.
Научниците во Цирих откриле вакцина која, како што се наведува, кога се вбризгува во мачката, го активира имуниот систем да произведе антитела, кои го уништуваат протеинот Фел д1.
Дури четири студии го потврдиле успешното неутрализирање на алергенот, а животните добро ја поднесуваат вакцината, која би можела да биде достапна за три години. Од неа корист ќе имаат и луѓето и мачките.
Инаку, дури 10 отсто од луѓето страдаат од алергија на мачки, но моментално нема сигурна или ефикасна терапија. Во американските прифатилишта секоја година се наоѓаат 3,4 милиони мачки, кои биле напуштени токму поради алергијата што ја предизвикуваат.