Властите во Јапонија на свој експерт од областа на истражувањата за матични клетки му доделија финансиска поддршка за создавање на животински ембриони кои содржат човечки клетки, пишува Nature.
Генетичарот Хиромицу Накаучи, кој работи на универзитетот во Токио и универзитетот Стенфорд во Калифорнија, планира да одгледува човечки клетки во ембриони на глувци и стаореци, а потоа да ги пресади ембрионите во сурогат животни. Крајната цел е да се создадат животни со органи од човечки клетки кои подоцна можат да се трансплантираат во луѓе.
До почетокот на годинава, Јапонија експлицитно забрануваше експериментирање со ембриони од животни кои содржат човечки клетки. Но, јапонското Министерство за образование и наука во март издаде нови насоки кои овозможуваат создавање на ембриони од човечко и животинско потекло, што може да се трансплантираат во сурогатни животни.
Слични испитувања беа спроведени во САД, но таму не беше дозволено раѓање на генетски модифицирани животни. Иако научниците во САД на слични експерименти работат од 2015 година, државното финансирање за таквите истражувања е забрането.
Накаучи рече дека многу постепено ќе напредува во своето истражување и дека на почетокот ќе нема раѓање на хибридни животни. Во првата фаза планира да одгледува хибридни ембриони на глувци 14 и пол дена од бременоста, кога органите се во голем дел формирани и набрзо би требало да дојде до раѓање. Ист експеримент ќе се спроведува и кај стаорци.
Поврзани артикли