Американската компанија Tesla претрпе загуба од 408 милиони долари во вториот квартал од годинава и покрај испораката на рекорден број електрични возила.

Оваа загуба, сепак, е пониска од неочекувано големата загуба од 702 милиони долари во првиот квартал, но сугерира дека моделот 3 од оваа компанија сè уште не е доволно успешен да ја извлече компанијата од лошите деловни резултати.

И покрај загубата, компанијата успеа да генерира приходи од 6,3 милијарди долари, додека 117 милиони долари од загубите се припишуваат на трошоците за реструктуирање поврзани со отпуштањата и затворањето на некои продажни места.

Од Tesla, исто така, соопштија дека го завршиле кварталот со пет милијарди долари во готовина, што е најголема сум во историјата на компанијата и резултат пред сè на зголемувањето на капиталот од 2,7 милијарди долари во мај.

Во вториот квартал биле произведени околу 87 илјади автомобили и испорачани 95,2 илјади единици, што, според „Њујорк тајмс“ е зголемување на испораката од 50 отсто во споредба со претходниот квартал.

Компанијата, исто така, соопшти дека долгогодишниот шеф на технологија Ј.Б. Штраубел ќе ја напушти функцијата по 15 години.