Тутанкамон е еден од најпознатите ликови од Древен Египет. Позлатениот ковчег на детето-крал е преместен од гробницата во Луксор во Големиот египетски музеј каде ќе биде реставриран.
Ова е прва реставрација на ковчегот откако беше откриен во 1922 година, соопшти египетското Министерство за антиквитети.
Ковчегот во неделата беше преместен од Долината на кралевите и ќе биде изложен во Музејот заедно со други антиквитети најдени во гробницата.
„Ковчегот е прилично оштетен, вклучувајќи ги пукнатините на златните слоеви“, рече доктор Еиса Зидан, водач на тимот за прва помош, реставрација и транспорт на антиквитети при Музејот.
„Пред да го пратиме ковчегот во Музејот изготвивме детален извештај за неговата состојба во кој се наведени сите оштетувања.“
Реставрацијата ќе трае осум месеци, а медиумите ќе имаат можност за увид по две недели.
Реставрацијата на ковчегот следи по реставрацијата на целата гробница. Во јануари годинава заврши деветгодишниот потфат со кој на гробницата ѝ беше вратен некогашниот сјај.
Поврзани артикли