ГМО-генерација: Дали во Русија ќе се раѓаат генетски модифицирани деца?
Рускиот молекуларен биолог Денис Ребриков има намера да излечи неколку деца од вродена глувост со помош на геномско редигирање.
Денис Ребриков веќе најде пет брачни двојки кои се глуви од раѓање. Тие се согласија да учествуваат во експеримент кој може нивните новородени деца да ги лиши од тој проблем, пренесуваат руските медиуми повикувајќи се на списанието New Scientist.
Како што нагласи Ребриков, без геномско редигирање, секое нивно идно дете ќе биде глуво.
Една од вестите која минатата година го потресе светот беше појавата на свет на првото бебе со променет геном во Кина. Докторот Хе Ѓанкуеј, кој го спроведе овој експеримент како негова цел прокламираше создавање имунитет на вирусот ХИВ кај децата.
Се чини дека планот на рускиот научник, кој нема никаква врска со заштитата на децата од сида, туку лечење на глувоста, е помалку амбициозен. Според зборовите на Ребриков, многу глуви луѓе се родени такви поради помала мутација во генот GJB2: кога доаѓа до тоа, исчезнува еден од нуклеотидите од синџирот на ДНК. Таквото оштетување на геномот е прилично распространето меѓу населението на западен Сибир, како и во северозападните региони на Русија, но предизвикува глувост само во случај на постоење на мутација во двете копии на GJB2.
Доколку носител на мутацијата е само еден од родителите, не постои закана за глувост на детето, а доколку се и двајцата, нивното чедо сигурно ќе се роди глуво. Покрај тоа, „исправката“ на ДНК не е комплицирана и нема никакви последици, тврди рускиот биолог.
Пред околу еден месец, Денис Ребриков, вработен во Рускиот национален истражувачки медицински универзитет „Пирогов“, изјави дека планира да го спроведе истражувањето доколку ги добие сите потребни дозволи од овластените тела. Иако, како што пишуваат некои медиуми, не е сосем јасно кој во Русија би бил овластен денес да одобрува или забранува такви експерименти.
Изјавите на руските биолози наидоа на скептичен однос како во меѓународните, така и во руските научни кругови, бидејќи системот CRISPR/Cas9 засега не се смета за потполно безбеден за редигирање на човечкиот геном.
Извор: Russia Beyond