Светското население годишно произведува повеќе од две милијарди тони отпад, што е количина со која може да се исполнат 800 илјади олимписки базени.
Најмногу ѓубре по жител произведуваат Американците, попрецизно, трипати повеќе од останатите. Најчесто во ѓубрето фрлаат пластика и храна, а кога станува збор за рециклирање, САД заостануваат зад други земји, бидејќи одново успеваат да искористат 35 отсто од цврстиот отпад, објави Би-би-си.
Најефикасни во повторното користење на цврст отпад се Германците кои рециклираат околу 68 проценти од материјалите.
Студијата е спроведена од Версик Мејплкрофт, компанија специјализирана за пресметка на глобалните ризици. Нејзините вработени имаат развиено два нови индекси за отпад – неговата акумулација и рециклирање.
Во истражувањето биле користени јавно достапни податоци и академски истражувања за да се создаде слика за тоа како различни земји се справуваат со растечкиот проблем со загадувањето, чиј нејголем предизвикувач е пластичниот отпад.
Индексот на цврст комунален отпад по жител покажува дека во најголем дел се работи за пластика, храна и опасни материјали.
И додека светот произведува околу 2,1 милијарди тони цврст комунален отпад секоја година, само 16 проценти од нив се рециклираат и 46 проценти се отстрануваат на неодржлив начин.
Податоците од анализата покажуваат дека Кина и Индија, во кои живеат повеќе од 36 проценти од светското население, произведуваат околу 27 проценти од отпадот.