Холдингот „Хеликоптери на Русија“ (Вертолёты России – дел од корпорацијата „Ростех“) работи на конструирање на арктичка верзија на најтешкиот сериски хеликоптер на светот Ми-26Т2В, изјави генералниот директор на холдингот Андреј Богински.

Богински соопшти дека „работната конструкторска документација сѐ уште не е изработена, но ориентациските рокови се веќе дефинирани“. Покрај тоа, формиран е техничкиот облик на арктичкиот хеликоптер Ми-26Т2ВА. Тој во овој момент се разгледува заедно со Воената морнарица на РФ (Воено-космичките сили на РФ го одобрија), пренесува РИА „Новости“.

„Сега очекуваме од Министерството за одбрана тактичко-техничка задача. Според нашите пресметки, кога ќе ја добиеме, ќе ни требаат околу две години за да го направиме првиот пробен модел“, додаде генералниот директор на холдингот.

Според него, Ми-26Т2ВА ќе се применува во крајбрежните зон на арктичките мориња и „ќе има низа специфични карактеристики: подобра термоизолација, систем за загревање на главните погонски блокови, дополнителни средства за спасување, санитарен јазол со греење, како и специјална опрема за подготовка и подгревање на храна“.

Бидејќи проектот се прави и за потребите на морнаричката авијација, за пилотите се предвидени специјални костими на кои им е прилагодена пилотската кабина.

Предвидени се две варијанти на хеликоптерот – транспортна и десантна.

Се истакнува дека морнаричката авијација на Военото воздухопловство на Русија има арктичка верзија на хеликоптерот Ми-8АМТШ која ја носи ознаката Ми-8АМТШ-ВА. Министерството за одбрана на РФ во февруари 2016 година потпиша договор за испорака на овие машини на арктичкиот контингент.

Клучните измени во моделот Ми-8АМТШ-ВА во однос на базичната верзија се подобрената термоизолација, најновата пилотско-навигациска опрема и опремата за радиоврска, како и уникатниот систем за загревање на моторот и трансмисијата, како и пошироката врата на лизгање од левата страна.