Новиот брод ќе биде сличен на атомски остров во океанот и ќе претставува целосно пловечка тврдина.
Министерството за одбрана на Руската Федерација постави тактичко-техничка задача (ТТЗ) за правење перспективен носач на авиони на атомски погон.
„ТТЗ за новиот авионосечки комплекс засега се формира и сè уште не е испратен во Обединетата бродоградна корпорација (ОБК). Новиот носач на авиони мора да биде направен на нуклеарен реактор„, известуваат руските медиуми, повикувајќи се на извори од воено-индустрискиот комплекс.
Според соговорниците од агенцијата, научно-истражувачките и експериментално-конструкторските работи за создавање на првиот руски атомски носач на авиони ќе започне во 2023 година.
Остров во океанот
Капетанот од трет ранг во резерва Дмитриј Литовкин смета дека „потребата за вакво пловило е таква што бродот мора да стане остров во океанот на атомски погон“.
Според него, проектот ќе биде реализиран најкусо до почетокот на триесеттите години од 21 век, но веќе сега со сигурност може да се каже каков брод ѝ е потребен на флотата и што ќе бара војската од конструкторот.
„Потребно е тоа да биде сосема пловечка тврдина со депласман од околу 100.000 тони, како и во случајот на сите современи американски носачи на авиони. Во должина ваквиот брод ќе треба да достигне 300 метри, а ширината би требало да биде околу 40 метри“, додава тој,
Подобар од „Адмирал Кузнецов“
Новиот носач на авиони ќе биде сосема поинаков од „Адмирал Кузнецов“ во многу нешта. Како прво палубата. Новата „Тврдина“ треба да има не помалку од две писти за полетување и слетување – голема и мала. Првата треба да биде направена според класичен шаблон со отскочен дел на крајот за авионот да добие на висина за време на одвојувањето од бродот. Другата би била сосема рамна и би ја користеле хеликоптерите.
Притоа бродот мора да биде флексибилен, така што ќе може да ги прифати „потешките“ ловци Су-57, како и „лесните“ како што е МиГ-35. Засега постојат само копнени верзии на овие авиони, но во блиска иднина тие ќе бидат преправени и за поморски услови на носачите на авиони.
Паралелно со тоа, палубата на новиот брод ќе биде „гола“ како и кај американските носачи на авиони, за на неа да можат да се сместат околу 90 ловци.
Поради тоа, војската ќе го тргне командниот остров од палубата (слично нешто постои и на носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“), кој служи како командна кула од која се управува и ќе го спушти под пистата на бродот. Ваквата конструкција ќе му овозможи на бродот на остане потешко воочлив на радар, а исто така ќе го „претопи“ носачот на авионот со линијата на хоризонтот. Бродот со ваква конструкција ќе мора да биде максимално „рамен“ за да се претопи со морската површина на поголема оддалеченост за време на набљудувањето.
Конструкторите исто така мораат да го намалат отпорот на водата, така што ќе употребат нови материјали за авионите на носачот на авиони да можат да полетуваат и да слетуваат за време на бура. Притоа за летовите во тешки временски услови на носачот на авионот ќе бидат предвидени не само полетни скокалници, ами и специјални катапулти.
Извор: Russia Beyond