Huawei се подготвува за објава на својот следен премиум телефон. Компанијата минатата година ја објави Mate 20 серијата, а оваа година се очекуваат наследници на овие смартфони – Mate 30. Веќе се појавија некои рендери на уредите од оваа серија, но меѓусебно толку се разликуваат што постои можност да не се автентични. Сега тука е најновиот рендер, кој го открива Huawei Mate 30 со четири камери сместени во кружен модул.
Според деталите од рендерот, Huawei Mate 30 пристигнува со четири камери и 5x оптички зум. Huawei склопи партнерство со Leica за дизајнот и конструкцијата на леќите. Камера системот ја носи ознаката Leica Vario-Summilux-H 1:1.6-3.4/16-125mm ASPH.
Mate 30 би можел да пристигне во Emerald Green (смарагдно зелена) боја, како и Mate 20 Pro. На задната страна не е видлив никаков физички сензор за отпечаток од прст, што сугерира дека е вграден под екранот на телефонот.
Претходните извештаи сугерираа дека Huawei Mate 30 ќе пристигне со 6,71-инчен AMOLED екран со 90 Hz освежување. Телефонот ќе го покренува Kirin 985, кој е спарен со Balong 5000 модемот. Се очекува и 4200 mAh батерија со поддршка за 55W брзо полнење.
Кога е во прашање датумот на објава, се очекува дека Huawei Mate 30 линијата ќе биде објавена во текот на октомври, а од старт би требало да го користи Android Q оперативниот систем.