Контролната соба “Johnson Space Center” во која било надгледувано историското спуштање на „Аполо 11“ на Месечината била напуштена и целосно запоставена откако НАСА својот тим на експерти во 1992-ра година го преселила во нов, модерен објект.
Годините минувале, но идејата контролната соба да се обнови и да се отвори за јавноста не згаснала. И сега, после две години макотрпни напори на градските власти на Вебстер и средствата собрани преку “Kickstarter” кампања, контролната соба е претворена во музеј и од 1-ви јули отворена за јавноста.
Посетителите можат да ги видат реставрираните конзоли со сите контролни копчиња, како и монитори на кои се прикажуваат реалните податоци од мисијата „Аполо 11“.
Големите екрани на предниот ѕид од контролната соба повторно ги прикажуваат истите слики кои вработените можеле да ги видат при славното слетување на Месечината пред 50 години.
Посебно внимание е обрнато на сите мали детали, тука се и оделата на астронаутите, оригиналните столчиња, па дури и оригиналниот апарат за кафе во контролната соба. Секако, наоколу може да се најдат и оригиналните прирачници на контролата на летот, мапи, слушалки, пенкала и шолји за кафе.
„Спуштивме двајца астронаути на Месечината и ги вративме дома. Сето тоа го направивме од оваа соба. На нам, оваа соба ни е подеднакво важна како и собата во која што е потпишана Декларацијата за независност“, изјави Сандра Тетли од вселенскиот центар “Johnson”.