Компанијата „Тојота“ влезе во Гинисовата книга на рекордите, беше објавено на нивниот официјален блог, но ваквото достигнување нема никаква врска со производството на автомобили. Во 2017 година инженери од јапонската компанија решиле дека би било забавно да го искористат своето слободно време за изработка на кошаркарски робот кој би можел да погоди кош од секој обид.
До април 2019 година ја претставија својата трета модификација на роботот кој го нарекоа CUE3, а веќе следниот месец роботот се обиде и успеа да постави Гинисов рекорд за најуспешна серија на слободни фрлања на хуманоиден робот (со човечка помош).
Првата цел на тимот за поставување светски рекорд била 1.000 коша, која CUE3 лесно ја постигнал, така што му била поставена нова цел – 2.020, симболична цифра во знак на престојните Олимписки игри во Токио. По тоа, тие се одлучиле да запрат иако роботот сè уште не промашил ниту еден кош.
Сепак, колку и да е импресивно ова достигнување, CUE3 не е ограничен само на слободни фрлања. Вештачката интелигенција што го управува роботот успешно ја одредува оддалеченоста до целта, што практично значи дека тој може да погоди кош и од линијата за три поени, па дури и од центарот на теренот. Погодоците ги реализира еднакво успешно и со левата и со десната рака.