Научници открија илјадници “фасцинантно” сочувани фосили на брегот на реката Даншуи во провинцијата Хубеи во јужна Кина.
Се проценува дека фосилите се стари околу 518 милиони години и претставуваат ретко зачувани фосили на меки ткива како кожа, очи и внатрешни органи.
Палеонтолозите рекоа дека откритието е „неверојатно“, особено поради фактот дека повеќе од половина од фосилите припаѓаат на досега непознати видови.
Најдени се над 20.000 фосили, а досега се анализирани вкупно 4.351, вклучувајќи црви, медузи, морски корали и алги.
„Ова ќе биде многу важен извор на податоци во истражувањето на потеклото на живите суштества“, изјави за BBC Џинглијанг Џанг, еден од истражувачите и професор на Универзитетот Нортвест.
Роберт Гејнс, геолог кој исто така учествуваше во истражувањето, изјави дека ова откритие е многу значајно бидејќи „поголемиот дел од најдените фосили се на организми со меко ткиво кои обично немаат шанси да бидат фосилизирани.“
„Мекото ткиво најверојатно успеало да се фосилизира и зачува за време на бура во која за кратко време биле закопани во седимент“, смета Џанг.
Научниците најмногу се одушевени од фосилите на медузи и морски корали и велат дека досега не виделе ништо слично на нив.
Палеонтологот Алисон Дејли која не учествуваше во истражувањето, напиша анализа за списанието Science во која вели дека ова е „најважното откритие во изминатите 100 години“.
„Никогаш не сум помислила дека ќе доживеам да видам олку важно откритие. Ова е прв случај да се најдат толку добро зачувани медузи“, вели таа.
Истражувачкиот тим ги попишува преостанатите видови и работи на дополнителни ископувања за да собере дополнителни информации за древниот екосистем и процесот на фосилизација.
Извор: Klix.ba
Поврзани артикли