Третата меѓународна конференција од областа на телекомуникациите, денеска официјално се отвори во Скопје. Оваа тридневна конференција годинава е на тема: „5G и понатаму“ (5G and Beyond), како предвесник на технологијата што ќе ја одбележи наредната декада. Иницирана од група еминентни научници, конференцијата прераснува во собир на релевантни истражувачи и се стреми да го доближи технолошкиот моментум и да го намали информативниот процеп помеѓу развиените земји и Балканскиот регион.
Конференцијата претставува глобална научна платформа на којашто релевантни истражувачи од академијата, истражувачките лаборатории и од индустријата ќе дискутираат за предизвиците и можните решенија на актуелната 5G технологија.
На овогодишниот собир има врвни поканети предавачи и интригантна панел дискусија, а отвора можност и за студентите активно да се вклучат во елаборирање на концептите на идните телекомуникациски системи и решенија.
Според професор д-р Лилјана Гавриловска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, темата на конференцијата „5G и понатаму“ го одразува глобалниот интензивен развој на информатичко комуникациските технологии и континуираните барања за побрзи, помоќни и пософистицирани комуникациски решенија.
5G технологијата ќе овозможи подлога за иновативен развој и растеж во многу домени на нашето секојдневие и ќе внесе интензивна промена во начинот на функционирање и комуникација.
„Сакам да потенцирам дека овогодишната конференција е посветена на иницирање и воспоставување дух на ‘Балкан без граници’ за да се поддржи и зајакне слободен трансфер на знаење во регионот и пошироко, но и да ги поттикне и да им даде можност на регионалните телентирани млади луѓе и научници на поинтензивна соработка и на меѓународно претставување“, вели професор Гавриловска.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ја отвори конференцијата и во своето воведно обраќање ги потенцираше промената и глобалната дигитализација, како резултат на 5G технологијата.
„Со голема брзина технологијата се очекува да донесе вистинска дигитална еволуција, поттикнување на економскиот раст, иновативноста и благосостојбата. 5G ќе ги промени целите индустрии. Овие сектори ќе бидат целосно трансформирани со дигитални автопатишта за комуникација, компјутерска моќ и мрежи на сензори. Автоматизацијата во голема мера ќе зависи од функционалните и безбедните 5G мрежи. Поединци и машини ќе комуницираат и ќе споделуваат информации на начин непознат до сега. Нема да има многу човечки активности, што не е поткрепено со сајбер-инфраструктура“, подвлече министерот Манчевски.
Тој се осврна и на активностите и политиките на Владата и МИОА, во сферата на дигитализацијата.
„Владата е свесна дека 5G револуцијата нема да се случи преку ноќ, но тоа е важен чекор кон зголемување на учеството на дигиталната економија во нашиот национален БДП. На почетокот на 2019 година, Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план, усогласен со стратешките цели на ЕУ. Планот за развој на 5G е составен дел од овој стратешки документ.
Имплементацијата на 5G во Република Северна Македонија треба да обезбеди изградба на национален еко систем за безжично поврзување што ќе се фокусира на значително зголемување на квалитетот на корисничкото искуство, во контекст на значително проширување на бројот на понудени услуги и подобрување на севкупниот квалитет на животот. Врз основа на користењето на јавните средства, како и инвестициите на операторите во наредните 3 години, се проценува дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град ќе биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2027 година сите градови во државата ќе бидат покриени со непрекинат сигнал од 5G, а до крајот на 2029 година секој граѓанин ќе има пристап до 5G интернет со минимум брзина од 100 Mbps“, информираше министерот Манчевски.
Партнер на конференцијата е Македонски Телеком, компанија која е предводник на дигитализацијата на македонското општество. Никола Љушев, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, на отворањето на конференцијата ја истакна посветеноста на компанијата да го трасира патот на новата револуционарна технологија во земјата.
„5G технологијата, што воедно ќе биде основата на четвртата индустриска револуција, за телеком операторите неминовно ќе значи нов инвестициски циклус и изградба на нова мрежна инфраструктура – најголемиот предизвик во остварување на преминот кон роботизација, вештачка интелигенција, автономни возила, огромен број паметни сензори итн. ќе се оствари доколку сите општествени чинители делуваат заедно и координирано. Само на тој начин може да се создаде одржлив екосистем кој ќе даде нова вредност, поголема продуктивност и трошковна ефикасност.
Во соработка со академската заедница ќе ги истражуваме и продлабочуваме можностите за користење на 5G, очекувајќи одговорните институции да бидат генератори на политики кои ќе донесат забрзана дигитализација на општеството, како и развој на комуникациските и на информатичките технологии.
Светот глобално се менува и сите ние како креатори на новото дигитално општество имаме одговорност да ја ставиме технологијата и иновациите во служба на граѓаните и целото општество “, истакна Никола Љушев.
Првата ваква конференција е одржана во 2017 година во Албанија, а минатата година домаќин на конференцијата била Црна Гора.
Поврзани артикли