Нова вештачка интелигенција создадена од страна на истражувачи од Универзитетот „Карнеги Мелон“ има една неверојатна вештина – со анализа на кратка аудиоснимка од глас на некој човек таа прави реконструкција за тоа како би можело да изгледа тоа лице во реалноста.
Резултатите на оваа вештачка интелигенција не се совршени, но се прилично добри – значаен и на некој начин застрашувачки пример за тоа како софистицираната вештачка интелигенција може да направи неверојатни работи од мали фрагменти податоци.
Во труд објавен неодамна тимот опишува како користел генеративна контрадикторна мрежа за да анализира кратки аудиоснимки и да спои неколку биометриски карактеристики на говорникот, што резултира со точност во спојувањето.
Тоа е со јазикот на истражувачите. Во практика алгоритамот „Говор во лице“ (Speech2Face) изгледа дека има необјаснив талент за генерирање груби портрети на луѓе врз основа на нивните гласови.
Истражувачите повикуваат на внимателност, истакнувајќи дека технологијата отвора загрижувачки прашања за приватноста и дискриминацијата.
– Иако ова е чисто академско истражување, чувствуваме дека е важно експлицитно да дискутираме во трудот за неколку етички обѕири поради потенцијалната чувствителност на фацијалните информации – напишаа тие, сугерирајќи дека секоја понатамошна истрага или практична употреба на оваа технологија ќе биде внимателно тестирана.