Стар преносен компјутер со шест информатички вируси кои се сметаат за најопасни во информатичкиот свет и ја симболизираат опасноста на интернетот, оваа недела бил продаден на аукција за 1,34 милиони долари.

Лаптопот “Netbook Samsung NC10” од 2008 година кој работи на “Windows XP”, не би бил по ништо посебен доколку не ги содржи во себе вирусите “ILOVEYOU”, “MyDoom”, “SoBig”, “DarkTequila”, “BlackEnergy” и “Wannacry”.

Овие вируси предизвикале штета од најмалку 95 милијарди долари во последните две децении бидејќи компаниите не биле припремени за нападите кои претходно не ги доживеале, изјавил Гуо О Донг, креатор на тоа уметничко дело наречено “Истрајност на хаосот”.

Тој се претставува како современ дигитален уметник чии дела ја критикуваат “екстремната онлајн култура”.

Компјутерот за време на аукцијата се наоѓал во Њујорк, а можел да се види преку стрим, вклучен, но не и поврзан на интернет. “Netbook Samsung NC10” ќе му биде доставен на купувачот кој се обврзал дека нема да го поврзува со интернет за да го спречи ширењето на вирусите.

Аукцијата е организирана во партнерство со компанијата за информатичка безбедност “Deep Instinct”.