Уште една компанија ја прекинува соработката со Huawei. Во овој случај, Microsoft ги отстрани лаптопите на кинескиот производител од својата онлајн продавница. Како што соопштуваат корисниците, страницата при пребарување на модел од Huawei, вели дека “не се пронајдени такви уреди“, а линковите до последните модели велат дека станува збор за “грешка“, пишува CNN.
Од Microsoft не ја коментираат ситуацијата, а овој потег доаѓа откако САД ја стави кинеската компанија на црната листа, со што им забранува на компаниите од земјата да соработуваат со Huawei. На тој начин, Microsoft повеќе нема да може да го продава својот Windows оперативен систем кој што кинескиот производител го користеше за своите лаптопи.
Google, исто така, ја прекина соработката со Huawei, најавувајќи дека новите телефони нема да имаат пристап до нивниот Android оперативен систем, како и до популарните апликации и услуги од типот на Gmail и Google Maps.