На повидок нови проблеми за Huawei, бидејќи откако соработката им ја откажаа американските компании, истото го најави и британскиот ARM, кој им е потребен поради технологиите за идните Kirin чипови.
Од BBC пристигна нова непријатна вест за Huawei. Cпоред британскиот медиум, во внатрешна белешка до нејзините вработени британската компанија ARM наредила да бидат прекинати сите активни договори, одржување и сите претстојни обврски со Huawei и нејзините единици, за да ги исполни неодамнешните санкции на САД.
Во соопштението се наведува дека развојот за чипови нa ARM вклучува технологија со потекло од САД, а според компанијата, тоа значи дека треба да се усогласи со мерките на Владата на Трамп.
Ако одлуката на ARM е долгорочна, т,а може да нанесе речиси фатален удар на бизнисот на Huawei, бидејќи ќе влијае врз способноста на компанијата да дизајнира сопствени чипови. Повеќето од нив во моментов користат ARM технологија, за која Huawei плаќа такси за лиценца.
Компанијата со седиште во Кембриџ е во сопственост на јапонската SoftBank Group и има над 6.000 вработени, а некои од нив се наоѓаат во 8 канцеларии во САД. Во соопштението, ARM наведува дека е во согласност со сите најновите регулативи на американската влада, но повеќе не коментираше на темата.
Веќе е обелоденето дека компанијата развива своја алтернативна софтверска платформа, но може да биде тешко да се добијат чипови со добри параметри од други извори. Huawei моментално користи чипови на својата HiSilicon единица. Тие се произведени во Кина, но се уште се потпираат на технологијата на ARM.
Компанијата може да продолжи да ги произведува, но чекорот на ARM ќе влијае на нејзините идни случувања. Претстојниот Kirin 985 исто така нема да биде засегнат од забраната, но не таква е ситуацијата со неговиот наследник, кој најверојатно ќе треба да биде целосно преработен.
Поврзани артикли