Платформата за споделување фотографии „Инстаграм“ вели дека се обидува да открие како биле украдени лични податоци од преку 50 милиони корисници, но и како тие завршиле во незаштитена база на податоци.
Меѓу податоците биле адреси на е-пошта и телефонски броеви од познати личности и „инфлуенсери.“
Базата на податоци е лоцирана во Мумбаи и е поврзана со компанија под името Chtrbox.
„Инстаграм“, платформа која е во сопственост на социјалната мрежа „Фејсбук“, изјави дека работи на случајот и се обидува да дознае како податоците стигнале таму.
„Го разгледуваме случајот за да откриеме дали споментатите податоци се преземени од ‘Инстаграм’ или од други извори. Работиме и со компанијата од Мумбаи, со цел да дознаеме како ги добиле поатоците и како истите испливале во јавност“, велат од „Инстаграм“.
Покрај адресите на е-пошта и телефонските броеви, овие информации содржеле и податоци за локациите на корисниците.
Базата на кои биле префрлени овие податоци била зачувана на сервер на Амазон, но истата не била заштитена со лозинка и на тој начин била откриена.
Chtrbox, пак, е маркетинг-компанија која сè уште не одговара на овие коментари, но ја отстрани базата на податоци.
Прибирањето податоци од профилите на „Инстаграм“ ги прекршува правилата и политиката на користење на мрежата.