Експериментално безбедносно возило од Mercedes како показател на технологии од иднината

Mercedes претстави експериментално возило на кое се тестираат нови безбедносни системи, вклучувајќи и неколку нови типови на воздушни перничиња.

Концептното возило на Mercedes наречено Experimental Safety Vehicle се базира на најновата генерација на SUV моделот GLE и опремено е со технологии и системи кои производителот од Штутгарт планира да ги вклучи во своите производни модели во иднина.

Овој автомобил е замислен како целосно автономно возило, кај кое во целосно самовозечки режим педалите и воланот се вовлекуваат во подот односно контролната табла, што дополнително го намалува ризикот од повреди во случај на судир. Управувачот кој се вовлекува на инженерите им овозможил воздушното перниче на возачот да го сместат во контролната табла.

Посебно внимание во ова експериментално возило е посветено на безбедноста на децата. Така, безбедносните седишта за деца имаат ремени кои автоматски се затегнуваат во случај на судир.

Напредната технологија Active Brake Assist овозможува откривање на пешаци или велосипедисти кои доаѓаат од зад агол (странично во однос на возилото) и пред да влезат во видното поле на возачот.

Ако системот процени дека контактот е неизбежен, возачот прво добива аудио и визуелно предупредување, и ако не реагира на време, се активира автоматската сопирачка.

Mercedes го надградил и системот за предупредување за наидување на други возила од страна, а дизајнирал и мало роботско возило со триаголник кое ги предупредува другите возачи за инцидент. Во случај на сообраќајна незгода, ова возило автоматски се спушта на патот од под задниот дел на каросеријата и се движи наназад. На овој начин, другите учесници во сообраќајот ќе бидат благоврменео известени за несреќата, што е особено корисно во случај кога возачот не може да излезе од автомобилот и рачно да го постави триаголникот.

Меѓу експерименталните безбедносни содржини што ги тестира Mercedes на овој автомобил се централното странично воздушно перниче за возачот и совозачот, како и предни воздушни перничиња за патниците на задното седиште.

Извор: Додај Гас