Во времето кога лаптопите се тенки, лесни и моќни, тешко е да се понуди нешто ново и така одреден модел да се издвои на пазарот, но сепак, HP има ас во ракавот.
Примарниот 15-инчен панел со резолуција од 1080p и фреквенција на освежување од одлични 144 Hz (опционо 240 Hz и 4К) е прилично стандарден кога станува збор за врвните гејминг лаптопи, но „интересен“ е вториот 6-инчен екран со резолуција од 1080p кој е позициониран над тастатурата.
Овој екран овозможува гледање на видеа, следење на перформансите на системот или пак чет на Twitch. Исто така, можно е да се прикажат делови од примарниот екран, така што корисникот би имал подобар преглед на целата сцена.
Лаптопот е опремен со Intel Core i9 осумјадрен процесор од девета генерација, Nvidia GeForce RTX 2080 Max-Q графичка картичка, 32 GB RAM и опциона Intel Optane меморија. Исто така, доаѓа со систем за ладење во пет насоки, како и со специјална термална паста од течен метал која нуди десет пати подобар ефект од силиконската.
Дебелината на лаптопот изнесува само 20 милиметри, а од HP не открија колку тежи новиот HP Omen X 2S и колку ќе трае батеријата на овој лаптоп. Цената на основниот модел започнува од 2,100 долари и расте до 2,700 долари во зависност од моделот.
Извор: Klix.ba