Викендот пред нас донесува три изложби на отворено.

Веројатно многумина ќе речат па мора ли се во овие ден два, но… Како и да е, Скопјани, но и сите оние кои ќе се најдат во Скопје од 10-12 мај ќе има што да видат. Од класици, до тјунери и целосно нови модели. Кога сме кај последните, веројатно некои од нив ќе го најдат и патот до своите нови сопственици.

Авто Плус, најстариот автомобилски печатен и интернет медиум во Македонија по речиси 13 години без автомобилска саемска манифестација, се чини ќе успее да ги обедини македонските увозници на автомобили на една заедничка смотра на новитетите од нивните брендови.

Avto Plus Street Show на 11 мај, на булеварот Илинденска (од Зоолошка Градина до Пионерскиот Дом Карпош), ќе обедини петнаесетина автомобилски брендови кои ќе презентираат, како што е најавено, безмалку 100 модели на автомобили, повеќето новитети, а некои и со премиера на нашиот пазар, како Toyota Camry, Porsche Cayenne Coupe… Како што најавија колегите од редакцијата на Авто Плус ќе видиме и целосно електрични, хибридни и спортски модели, а со нив ќе бидат претставници и на придружната индустрија (гуми, акумулатори, авто галантерија…). Според најавите, заинтересираните ќе може да направат и кратки тест возења.

Настанот во сабота на 11 мај ќе го отвори Градоначалникот Петре Шилегов, а посетителите ќе можат да се дружат со „убавиците на четири тркала“ се до 22 часот тој ден.

Од 10. до 12. мај, во надворешниот дел на Скопје Сити Мол ќе може да се погледне несекојдневна автомобилска изложба која ќе опфати олдтајмери, но ќе даде призвук и кон електричната иднина. Ова Ауто Шоу, како што велат организаторите, има за цел да послужи како своеивиден времеплов обединувајќи го минатото преку најстарите автентични олдтајмери, сегашноста – преку актуелната комерцијална понуда на автомобили и секако иднината која треба да биде електрична, особено преку ексклузивните модели на Tesla.

Во внатрешноста на Скопје Сити Мол ќе можат да се погледнат и електрични велосипеди и тротинети.

Недела пак на 12 Мај во организација на Авто Мото клубот АСУЦ ќе се одржи петтата манифестација на возила (класици, тјунери, модификации…) на автодромот во рамките на дворот на средното училиште Боро Петрушевски.

Дефинитивно интересни денови за сите автомобилските фанови, но и за сите оние кои ќе сакаат да го исполнат викендот со интересна прошетка. Нас ни останува само да посакаме добро време и успешни манифестации, а редакциите на ДодајГас и дел од медиумите во групацијата Клип Медиа ќе бидат присутни на сите настани со цел комплетно информирање на читателите за се она што ќе биде интересно од овие настани.